Торпедо на тестостерон?
Допинг контролата над Иан Торп во април минатата година, покажала зголемено ниво на тестостерон и хормон кај австралискиот пливач, тврди во своето интернет издание францускиот спортски весник L'Equipe.
Весникот тврди дека австралиската анти-допинг агенција не покренала истрага по овој случај заради "научни несогласувања".
Постоењето на овој случај го потврдија претставниците на ФИНА кои на прес конференцијата на Светското првенство во пливање само изјавиле дека има ваков случај без притоа да наведуваат за кого станува збор. Тие го повикале и меѓународниот арбитрарен суд да изврши дополнителна истрага на случајот.
Претседателот на австралискиот пливачки сојуз, Глен Таскер, порачал дека никој не го известил Сојузот или Торп за наводните нерегуларни резултати од допинг контролата. Таскер смета дека Торп е невин и дека со оваа непроверена информација му е нанесена голема штета.
"Го поддржувам Торп 1000%. Долго го познавам и гарантирано знам дека е голем противник на допингот," изјавил Таскер.
Јавна поддршка на Торп му даде и австралискиот премиер Џон Хауард.