64 бита ги „напаѓаат“ PC игрите
Кога зборуваме за компјутерски игри секогаш се најважни и
најинтересни јачината на процесорот и јачината на графиката. Во
годинава пред нас ќе бидеме сведоци на големи скокови во двете
категории, по што се претпоставува дека компјутерските игри ќе
изгледаат како најдобрите компјутерски анимирани филмови.
Можеби
најголемиот скок ќе биде преминот од 32-битен на 64-битен оперативен
систем. Преодот на 64-битни процесори ветува многу повеќе во контекст
на игрите заради тоа што 64-битните процесори можат да процесираат
инструкции со поголема комплексност од 32-битните, со што се
подобруваат перформансите на таквите интензивни апликации како што се
игрите. Она што е многу важно е тоа што 64-битните оперативни системи
можат да користат многу поголемо количество на меморија од денешните
компјутери. 32-битен Windows компјутер може да испрати максимум 4GB
меморија (2GB за оперативен систем и 2GB за апликации). Наспроти него
почетното издание на XP X64 ќе биде во можност да пристапи до 32GB
физичка и 16 терабајти виртуелна меморија.
Со толку меморија ќе има подобра резолуција со подраматични и подобри
визуелни ефекти и графика која ќе може да се спореди со компјутерски
изработените филмови. Уште една предност од употребата на толкава
меморија е и можноста за креирање на беспрекорни опкружувања. Само
замислете го играњето на пуцачини во прво лице каде што не мора да
застанете со играње и да чекате да се наполни следното ниво, или пак
огромна мултиплеер игра која нема видливи граници!
Но да ве предупредиме, не очекувајте да ги видите веднаш. Игрите кои
ќе се појавуваат годинава ќе бидат 32-битни игри преправени за работа
на 64-битни системи. Игрите изградени врз база на 64-битни опкружувања
најверојатно нема да пристигнат пред Microsoft да ги лансира своите
први 64-битни оперативни системи кои се очекуваат кон крајот на 2006
година.
Конзоли – затишје пред бура
Годинава тешко дека ќе биде година на конзолни игри. Се очекува
Sony, Microsoft, Nintendo и нивните партнери добро да поработат на
креирање на подобри игри и подобрување на online понудата додека ги
подготвуваат своите идни производи за 2006 година. Значи за оваа година
трите компании планираат да работат на поквалитетна и посодржајна
online понуда.
А што да очекуваме во иднина?Xbox 2 – Bill Gates најави дека новите Xbox игри ќе бидат игри
со високи дефиниции и дека новите конзоли ќе имаат подобра комуникација
од компјутерите, по кои никогаш нема да посакате да се вратите наназад.
Nintendo – следната конзола на компанијата ќе потсетува на
нивниот DS систем, со што открија дека ветуваат досега невиден
интерфејс со 3D приказ.
Sony PlayStation 3 – од компанијата најавија дека ќе испорачаат
најмоќен можен хардвер. IBM, Sony, Sony Computer Entertainment и
Toshiba заедно работат на креирање на повеќејадрен процесор наречен
Cell, кој што ќе се справува со огромна дигитална содржина. Конзолата
ќе поддржува и Blu-ray формат на дискови.