Тенк за Кими Раиконен
Новиот
болид на Ферари ќе мора да биде направен како тенк за да го издржи
третманот што го добива од Кими Раиконен, смета поранешниот експерт за
мотори на Мекларен, Марио Илиен.
„Никој не ја напрега машината повеќе, никој не ја лупа толку жестоко
од круг во круг, до самата граница на издржливост“, тврди Швајцарецот,
кој од неодамна е сопственик на Илмор, МотоГП тим.
„Од Ферари ќе мораат да му конструираат тенк на Кими ако мислат со него да ја освојат титулата.“
Раиконен дојде од Мекларен, кои по цела деценија успејаа да минат
цела сезона без победа, на местото на пензионираниот седумкратен
светски првак, Михаел Шумахер.
27-годишниот Финец, кој на двапати беше вице-првак во конкуренција
на возачи, хронично ги гореше моторите додека беше во Мекларен. Во
2003, титулата ја загуби од Шумахер за само 2 поени.
Илмор машините на Илиен, вградени во Мекларен му ги донесоа двете
титули на Мика Хакинен во 1998 и 1999 година, а и во 11 наврати имаат
триумфирано на Индијанаполис 500.