Отворен непознатиот дневник на Мисирков
Во дневникот, пишуван во 1913 година на руски јазик, има и писма од Крсте Мисирков до руски министри, во кои тој се интересира за судбината на Македонија
[Дневникот ќе ги открие и политичките ставови на основоположникот на македонскиот литературен јазик]
Четиристотини ракописно пишувани страници со погледите и мислењата на Крсте Мисирков за состојбите на Балканот, во Македонија и во Бугарија се содржината на неговиот дневник, кој вчера и' беше претставен на македонската јавност. Директорите на државните архиви на Македонија и на Бугарија вчера потпишаа договор со кој наскоро, на македонски, бугарски и на руски јазик, ќе биде објавено ова дело пишувано во 1913 година.
Бугарските архивисти во Скопје ја донеле фотокопијата на ракописите на Мисирков, пишувани на руски јазик во периодот кога тој е директор на Женската гимназија во гратчето Хутур Климентово, во Харковската губернија, во тогашна Русија.
- Ова е мошне значајно откритие за основоположникот на македонскиот литературен јазик. Се' уште не знаеме што се' пишува внатре и какви ставови имал во тоа време Мисирков по разни прашања. Со бугарските колеги ќе објавиме и посебно дело за браќата Манаки и зборници за ВМРО-Обединета и за Малешевијата - рече Зоран Тодоровски, директор на Архивот на Македонија.
Тој бил подготвен да го откупи дневникот, но бугарските колеги тоа не го прифатиле.
Според Борјана Бужашка, директорка на Главната управа на архивата при Министерскиот совет на Бугарија, станува збор за ексклузивно откритие.
Бугарските стручњаци ракописот на Мисирков го откриле неодамна кај извесен антиквар во Софија, по што веднаш решиле да го откупат.
- Веднаш видов дека тоа е вреден документ и немаше дилема дали треба да ја платиме цената што тој ја побара за делото. Антикварот не ни откри како дошол до ракописот, но претпоставуваме дека му е од роднините на Мисирков - изјави Цочо Билјарски, експерт од Архивот на Бугарија, кој го открил документот.
Тој додева дека досега открил дека текстовите на Мисирков се однесуваат на односот на европските држави кон Македонија и кон Бугарија во периодот по Балканската војна.
- Има и писма кои Мисирков ги пишувал до руските министри. Тој се претставува како човек кој мисли за судбината на Македонија и кој страда за судбината на Бугарија - наведува Билјарски.
Бранко Горгевски