Дали пивото го намалува ризикот од срцев удар, а чоколадата го брка
ракот? Студиите што ни кажуваат да јадеме, вдишуваме и генерално да се
впуштаме во „лоши работи“ се музика за нашите уши. Подолу е
livescience.com топ листата на лековити пороци. Се разбира – само
умерено! Впрочем, се’ може да биде и храна и лек и отров, во зависност
од дозата.
10. Пиво
Во нашиот моментален контекст, пивото отсекогаш било
засенето од страна на виното. Иако никој никого не убедува од чаша вино
за ручек да се префрли на гајба пиво за добра ноќ, научниците сметаат
дека умерената пивска навика може да ги подобри кардиоваскуларните
функции. Сега останува уште да откријат здравствени бенефиции кај
чипсот и пилешките прсти со мајонез.
9. Лутина
Ако сте од оние што собираат, собираат па експлодираат
... експлодирајте почесто. Студии (аман веќе од нив) покажуваат дека
тук’ и там’ изливи на лутина се добри за здравјето и можат да
претставуваат ефикасен механизам за справување со суровата реалност,
многу подобар од стравот и раздразливоста на пример. Лутината, како и
останатите колачиња од листава, е здрава само во умерени дози; Лути се
долго време и ќе добиеш цела листа на здравствени пореметувања –
покачен крвен притисок, пореметувања на сонот и оштетување на белите
дробови.
8. Кафе
Кафето е една од најдебатираните супстанци. Дали е
здраво, дали е штетно, дали е и здраво и штетно.. Сепак, актуелниот
консензус гравитира во корист на љубителите на горкото будење. Разни
истражувања тврдат дека кафето е богат извор на антиоксиданси и дека го
намалува ризикот од диабетес. Покрај тоа, зрната содржат и состојки што
го забавуваат појавувањето на цироза и панкреатитис, што е добра вест
за оние што сакаат жестоко да се забавуваат цела ноќ.
7. ЛСД
Малку се проблематични овие нелегалните, но внимавајте на
овој податок од научни извори: Кај тешки алкохоличари, мали дози на ЛСД
помагаат во надминување на најгрдите фази на одвикнувањето и во
превентива на повторно пропивање. Овие студии – некои од нив децении
стари – биле извршени во строго надгледувана клиничка околина. Многу од
пациентите не се напиле капка алкохол од тогаш. Се работи за интересни
откритија кои бараат многу повеќе проучувања, а никако за лек што може
да се применува на своја рака. Во меѓувреме – што за многумина и не е
некакво изненадување – скорешна студија врз 36 волонтери кои земале ЛСД
во лабораториска околина, известува за мистични искуства на пациентите
и промени во однесувањата кои траеле со недели потоа.
6. Сончање
Сончевите зраци се неопходни за опстанокот, но можат
и да убијат предизвикувајќи канцерогени заболувања. Астматичарите имаат
корист од одмерени дози на УВ зраци. Сончевата светлина ги блокира
реакциите на имунитетот кои предизвикуваат астма. Исто така, сончевата
светлина, дури и кога е индиректна, т.е. под сенка, го подобрува
расположението. Малку сонце може да им помогне на канцелариските
работници да ја избегнат пладневната поспаност. Но, сево ова не е
изговор за да се ставите на плажа и да се печете по цели денови.
5. Ларви
Од некои причини и ларвите ги вброиле на оваа листа,
нам ни се видоа интересни па нема да го скокнеме. Можеби пак, некои ги
јадат... Морничави се, лигави и во секој случај гадни, но можат да
спасат живот. Ларвите се најновото научно чудо од лек и во 2003 се
одобрени од ФДА како единствена живо медицинско средство. Поставени на
сериозни рани, ларвите се хранат со бактеии и мртво ткиво, со што го
стимулираат заздравувањето и спречуваат инфекции.
4. Марихуана
Иако често поврзувана со губење на меморија, за
иронија на судбината марихуаната сега се смета за орудие против
најрадикалната форма на бришење на умот – Алцхајмеровата.
Анти-воспалувачките состојки најдени во ова растение спречуваат
згрутчување на мозочни протеини, што е еден од главните причинители на
боеста. Така е барем кај лабораториски глувци. На прашањето ’Кога да се
започне со превентивна терапија?’, одговорот би бил дека е најдобро да
се почека и да се види што ќе кажат резултатите од студии извршени врз
човечки субјекти.
3. Црвено вино
Суштински дел од исхраната на народите со
најздрави срца во светот. Од поодамна е познато дека црвеното вино има
антиканцерогени својства и дека ги штити артериите. Изгледа дека клучен
во целата работа е антиоксидансот ресвератрол, кој го има во лушпата на
црвеното грозје.
2. Чоколада
Во последно време сите истражувања го слават
антиоксидантското својство на чоколадата, кое спречува разни канцери и
затнувања на артериите. Најнова вест е дека врши работа и против
сенилност. Доколку се лечите со чоколада – оние за готвење му се
мајката, затоа што таму е какаото. Шеќерните бомби баш и нема многу да
ви помогнат.
1. Секс
Научен факт е дека користа на сексот не се сведува само
на моментална гратификација и процес на мултиплицирање. Освен
очигледните еволутивни цели, со задоволство можеме да констатираме дека
сексот го намалува стресот и холестеролот и ја зголемува циркулацијата.
Впрочем, ни наведениве оправдувања не ви се потребни.